Одложена главната расправа, одбраната со забелешки
Повторно се одложи главната расправа во Основниот суд во Тетово за пожарот во модуларна болница. Во судот беа презентирани писмените докази предложени од јавниот обвинител, но судијата Јордан Велковски ја одложи расправата затоа што не беа присутни предложените сведоци на Обвинителството. Пред да започне судењето пред судот се одржа мирен протест за поддршка на третообвинетиот доктор Бобан Вучевски...

Одбраната на обвинетите не беше задоволна од презентирањето на писмените докази, оти како што посочија освен цитирање на наслови треба да се образложат понудените докази. Според адвокатите во листата со докази недостигаат одреден број на наслови, а дел од нив се неупотребливи.
„Денеска завршивме со писмените докази што беа предложени од страна на јавниот обвинител. Се одлага главната расправа затоа што денеска не беа присутни предложените сведоци од страна на Обвинителството. Завршивме со писмените докази, сега одиме на вербалните докази“, соопштија од Основниот суд Тетово.
Главната расправа ќе продолжи на 16-ти јануари со вербални докази од сведоци кои се на предлог на Обвинителството.
Судијата кој го води процесот Јордан Велков го закажа и 31-ви јануари како следен термин за продолжување на главната расправа со цел да не дојде до повторно одложување поради зафатеност на бранителите.
Тетовци утринава пред Основниот суд Тетово, одржаа мирен протест за поддршка на доктор Бобан Вучевски, еден од обвинитетите за пожарот што се случи на 8-ми септември 2021.
Граѓаните велат дека вината треба да се бара на друго место оти се работи за техничка, е не за лекарска грешка.
Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.
Зоран Димовски
