ШТИП

Див ископ на песок од реката Брегалница

27.12.2022 17:31

Неконтролирано се исцрпува песок од река Брегалница и не се применуваат мерки за заштита на брегот и имотите, реагираат жителите на штипски Караорман. Наместо со ископувањето да се подобрува режимот на реките и да се превенираат поплави, се предизвикува ерозија и се намалуваат имотите. Инспекторите на терен проверуваат дали се работи според законот...

Жителите на штипската населба Караорман излегоа на протест, револтирани заради големиот ископ на песок од коритото на Брегалница, заради што им се намалуваат плодните површини. Велат, со генерации саделе тополи покрај реката за да го заштитат имотот, а сега со години се црпи песок и нивните имоти се намалуваат со секое зголемување на водостојот на Брегалница. Дозволите за експлоатација на песок ги издава Министерството за животна средина.

Коритото на Брегалница со години се исцрпува и со години се протестира, но до сега без поголем ефект.

Да престане уништувањето на речното корито и песок да се црпи онаму каде нема приватни имоти во близина, велат жителите на Караорман. Во спротивно најавуваат протести со блокада на патиштата. На терен денес излегоа и еколошките инспектори, а најдоцна до утре увид ќе изврши и водостопански инспектор од Скопје.

Славица Величковска