Затворен граничниот премин Мердаре
Белград е подготвен за договор, но без поместување на црвените линии – порача српскиот министер за одбрана Вучевиќ. Во северно Косово нови барикади ден откако српските власти го подигнаа нивото на борбената готовност. КФОР и ЕУ побараа воздржаност од двете страни…

Косовскиот премин Мердаре затворен поради блокадите на Србите од Куршумлија кон Подујево. Нема движење ни на Јариње и Брњак. Во Косово нови барикади, во центарот на северниот дел од Косовска Митровица, во близина на Бошњачка махала и на новиот мост кој води кон магистралниот пат кон Рашка. Локалните Срби бараат ослободување на тројца нивни сонародници и повлекување на специјалните единици на косовската полиција. Конституиран е новиот состав на општината на Зубин Поток, на седницата не присуствуваа тројца српски пратеници.
„Ситуацијата не е добра. Непријатно е, но тие треба да сфатат дека треба да ги признаат косовските закони. Според нив, барикадите треба да се тргнат. Ние не сме во војна. Целиот свет нè призна нас“, изјави Џеват Хасани.
„Актуелната ситуација на Косово, кризата во северниот дел е спроведена од криминалци и организирана мафија таму, поддржана од српските државни власти од Белград“, вели Скендер Пертреши, Косовски центар за безбедносни науки.
Приштина потенцира дека косовската полиција ги има сите капацитети да ги отстрани барикадите. Белград го зголеми нивото на борбена готовност на армијата и полицијата. Од одбрана порачаа – постои подготвеност за договор, но без поместување на црвените линии.
„Никој не сака да војува, никој не посакува судир, но војската на Србија е подготвена, храбра и одлучна да ја штити нашата држава. Се надевам дека никој нема да проверува дали е тоа точно“, рече Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.
Околу 4.000 војници на НАТО беа распоредени во Косово од војната во 1999 година со која Белград ја загуби контролата врз територијата. Тензиите кои стартуваа по прогласувањето на косовската независност во 2008 година кулминираа минатиот месец. КФОР и ЕУ побараа воздржаност од двете страни.
Маја С. Филдишев
