САД ја задржа мерката за протерување мигрантите
Врховниот суд на САД ја потврди мерката со која се дозволува депортација на мигрантите фатени на границата меѓу САД и Мексико, воведена за време на пандемијата на Ковид-19. Предвидени се исклучоци, за одредени националности и за малолетници без придружба. Активистите за човекови права и експерти сметаат, обвинуваат за кршење на меѓународното право. Според нив, сегашниот систем само ги охрабрува мигрантите илегално да ја преминуваат границата преку пустини или реки...

Врховниот суд на САД ги задржа ограничувањата за азил воведени во пандемијата, во време кога илјадници мигранти се на мексиканската страна на границата, во надеж дека ќе можат да влезат во ветената земја. Највисокото судско тело гласаше за продолжување на уредбата воведена во ерата на Трамп, а со која се овозможува веднаш да бидат депортирани мигрантите без документи, уапсени на копнените граници, вклучително и барателите на азил. Предвидени се исклучоци, за одредени националности и за малолетници без придружба.
„Сè уште немаме ништо конкретно, чекаме да видиме што ќе се случи. На крајот ќе дојде време да поминеме нелегално“, изјави Анхелес Колменарес, мигрант од Венецуела.
„Со вестите што ги добиваме во моментов, нашите надежи се намалени, но верата во Бога останува“, додаде Анжоли Кирингтон, мигрант од Хондурас.
„Мигрираме најмногу поради инвазија, затоа што ние со семејствата зависиме од нашата земја, а пристигнаа некои луѓе кои не нè сакаат таму. Моравме да заминеме, во спротивно нашето семејство е во ризик“, додаде друг мигрант.
Претставниците на мигрантите поднесоа тужба бидејќи мерката е спротивна на американските меѓународни обврски кон луѓето кои бегаат во САД од прогон, а сметаат и оти оваа политика е застарена, бидејќи е надмината со смирување на пандемијата. Активистите за човекови права и експерти предупредуваат оти сегашниот систем само ги охрабрува мигрантите илегално да ја преминуваат границата преку пустини или реки.
„Верувам дека голем дел од луѓето сега ќе се обидат илегално да преминат низ различни точки, мислам дека тоа повеќе ќе биде миграција низ планини, по тунели, секаде каде што има можност да поминат“, изјави Елиас Родригез-Директор на организацијата HOPE.
„За разлика од другите места во Мексико, има изобилство на работни места што им овозможува да се развиваат и да ги планираат своите следни чекори; некои од нив навистина сакаат да останат во Долна Калифорнија“, изјави Ефрен Гонзалес – Директор на Комисијата за помош на бегалците во Тихуана.
Според податоците од 2020 година, мерката е применета во околу 2,5 милиони случаи.
Маријана Димовска
