Поевтинува струјата за домаќинствата во прв и во втор блок, и за малите потрошувачи
Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.

Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1-ви јануари се намалува, а се зголемува во третиот и четвртиот блок. Намалување има и на цената за малите потрошувачи, соопшти денес претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти.
За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, ги намаливме цените во првиот и вториот блок, рече Бислимовски, информирајќи дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании, како и дека има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката.
Вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи од 1-ви јануари се намалува за 20,15 проценти. Таа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои во изминатиот период се соочуваа со зголемени трошоци. Тоа се мали и микро компании, мали дуќани фризерници, берберници, мали кафулиња, рече Бислимоски.
Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.
