Македонија

Хуманитарни пакети за 170 бездомни лица

28.12.2022 14:03

Хуманитарни пакети за 170 бездомни лица. Од Црвениот крст во новата година посакуваат да имаат повеќе успешни приказни. Работат на ресоцијализација на овие лица...

Поради семејни проблеми, останал на улица. Тротоарите во градот се негов дом – речиси една деценија проси за да може да се прехрани и да купи дел од лековите. 50 годишниот Камбер Бајрами сака да работи, но здравствениот проблем со срцето не му дозволува.

„Медицината ми рече дека не смеам да кревам тешки работи и затоа се исплашив да не работам физичка работа се чувам колку што можам. Како секој еден човек што живее и јас така сакам да си го живеам животот. Да имам кров на глава тоа е мојата желба, да имам кај да преспијам“, рече Камбер Бајрами, корисник на услугите на Црвениот Крст.

Новогодишните желби на бездомните лица не се големи, туку реални – парче леб и топол дом.

„Сите тие луѓе имаат потреба од подавање на една рака. Да кажат дојдете повелете ќе ви дадеме шанса а тие да ја оправдаат довербата што им е дадена“, рече Хасан Аметовски – корисник на услугите на Црвениот Крст.

Од Црвениот крст во новата година посакуваат да имаат повеќе успешни приказни. Не сакаат овие лица да бидат зависни од овој пункт во Момин поток, туку тој да им биде едно поглавје во животот, кога ќе можат повторно да се вратат во нормалниот тек на живеење. Работат на ресоцијализација на овие лица.

„Со нивно вработување, со изнаоѓање на домови макар и под кирија за одреден период и да ги ставиме во една подобра позиција за да заработуваат за сопствениот живот за да можат да ги плаќаат сопствените кирии и да можат да ги воведат своите деца во образовниот систем“, изјави Драгана Лазаревска – координатор на пунктот за бездомници на Црвен Крст.

Според неофицијалните бројки во градот има околу 500 бездомници, пунктот во Момин поток го посетуваат околу 170.

Пунктот на Црвениот крст во Момин поток им обезбедува топол оброк, хигиенски и здравствени услуги на бездомниците. При екстремно ниски температури се отвора и преноќевалиштето.

Андријана Ѓурческа