Штип

Продолжува протестот против црпењето песок од Брегалница

29.12.2022 08:26

Сопствениците на имоти по текот на Брегалница близу Штип реагираат на масовното црпење песок од реката од страна на оператор кој има дозвола за санација и уредување на речното корито. Увид на лице место извршија надлежните инспектори и утврдиле дека операторот работи со дозвола. Жителите бараат вклучување на надлежните институции за да се утврди дали се почитуваат законите...

Втор ден жителите на штипски Караорман протестираат против експлоатацијата на песок од речното корито на Брегалница. Операторот има дозвола за уредување и санација на коритото, но сопствениците на имоти велат дека ова што се прави е далеку од уредување. Од реката се црпи песок на длабочина од осум метри, што во опасност го става водниот еко систем, ги пресушува бунарите и предизвикува ерозија на приватните имоти

Денес увид изврши и надлежната инспекторка од Инспекторатот за животна средина, но одговор нема дали операторот работи согласно законот и дали го уредува или го девастира речното корито.

Дел од општинските советници излегоа со поддршка на жителите на Караорман

Жителите велат дека дневно од оваа локација се исцрпуваат околу 500 кубни метри песок и од утре најавуваат блокада на патот за да го заштитат својот имот.

Славица Величковска