Политика

ВМРО-ДПМНЕ со предлог за предвремени избори во мај

28.12.2022 15:04

Следната година на 14-ти или 21-ви мај е најдобро да се одржат предвремени парламентарни избори. Тие се неминовност бидејќи политичката состојба е неподнослива...

Следната година на 14-ти или 21-ви мај е најдобро да се одржат предвремени парламентарни избори. Тие се неминовност бидејќи политичката состојба е неподнослива, рече на брифинг со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тоа што Ковачевски го зборува за одржување на претседателски избори па потоа парламентарни, за Мицкоски е нелогично бидејќи ќе се потроши огромна сума пари, а најверојатно претседателските може да бидат и неуспешни.

Дополнително поразително за земјата се внатрепартиските превирања во СДСМ, ДУИ и Алтернатива, бидејќи се загрозуваат институциите и нивната ефикасност. Ако има неуспешни претседателски избори, тогаш собранискиот спикер ја презема улогата и на претседател на државата, на ова се додава и технички премиер од ДУИ со што таков монопол е штетен за земјата, вели шефот на најголемата опозициска партија.

За енергетската криза, Мицкоски посочи дека за месец и половина за увоз на струја авансно, како никаде во светот платени се 45 милиони евра, а ако не се поправат РЕК Битола и Осломеј, ќе бидат потрошени уште дополнителни 50 милиони.

Според Мицкоски, евтината струја за граѓаните според пресметките ќе се зголеми за дури два и пол пати. Затоа, според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изборите се неминовност. Најави дека во кампањата ќе открие секоја партија како и дали ќе спроведе отворање на Уставот.

Миле Ристески