Економија

Стопанска комора: Компаниите се доведуваат во неповолна положба со новиот данок

28.12.2022 15:11

Банки, трговски друштва, производствени компании коишто годинава оствариле приход од над 10 милиони евра ќе бидат опфатени со вонредниот данок на екстрадобивка. Стопанската комора реагира – носењето закон за дополнителен данок на добивка на крајот на годината создава несигурност кај инвеститорите...

Банки, трговски друштва, производствени компании коишто годинава оствариле приход од над 10 милиони евра ќе бидат опфатени со вонредниот данок на екстрадобивка. Тоа нема да важи само за оние правни субјекти, чијшто профит не надминал 20 проценти од просекот во последните четири години. Од Владата велат дека со овој кризен данок што ќе се плаќа еднаш ќе бидат опфатени неколку илјади компании.

„Ако нивниот просечен профит од последните 4 години не е над 20 отсто оваа година нема да бидат опфатени со овој данок. Тие што ќе имаат просечен профит последните 4 години заедно со остварениот годинава повисок од 1,2 милион евра ќе го плаќаат овој данок. За разликата остварена над овој профит се пресметува даночна стапка од 30 отсто. Пример, ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година“, вели Фатмир Бетиќи.

Стопанската комора реагира – носењето закон за дополнителен данок на добивка на крајот на годината создава несигурност кај инвеститорите.

„Со предложениот концепт, во неповолна положба се доведуваат компаниите кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестициите, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените“, велат од Стопанска комора.

Собраните пари ќе се користат за справување со кризата, како и за поддршка на големите компании да излезат од кризата – посочи вицепремиерот Битиќи. Тој рече дека годинава преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и за контрола на државната помош се исплатени 45 милиони евра, за инвестиции од околу 200 милиони.

 

Марина Стојанова- Тонева