78 години Македонска радио-телевизија
Професионално, одговорно, навремено, точно. 78 години од легендарното „Зборуе Радио Скопје“. Оттогаш до денеска, од утро до мрак, јавниот сервис ги бележи сите важни вести од земјава и од светот, информира, едуцира, забавува...

Пред 78 години, првпат во етерот одекна македонскиот збор на Радио Скопје. Во етерот се слушна македонскиот јазик.
„Да се работи во радио е предизвик. Магија која едноставно ве предизвикува“, вели уредничката Наташа Андрееска, која работи во радиото од 1988 година, минувајќи ги сите скалила во новинарската професија.
Првиот телевизиски дневник се случи 20 години подоцна. Колегите кои неуморно работеа сите овие години се дел од мозаикот на МТВ. Камен по камен го градеа, оставајќи ги душата, енергијата, времето и силата. Информативната редакција го носи товарот на секојдневните случувања и во вонредни услови и во пандемија. Информацијата проверена и навремена до граѓаните.
Личностите доаѓаа и заминуваа, но настаните поврзани со нив останаа.
Репортерите, екипите исправени пред спортските предизвици. Единствено за да се долови атмосферата и што поавтентично да се пренесе во живо.
Од 1993 година националниот јавен сервис е и активен член на Европската радиодифузна мрежа. Со голем професионализам, квалитетни содржини, рамо до рамо со светските сервиси, Македонската радио-телевизија продолжува да чекори и да ги следи сите настани и случувања.
Ана Ј. Тодоровска
