Пуштен од притвор полицаецот поради кој Србите подигнаа барикади
Основниот суд во Приштина, ја промени мерката за безбедност и притворот на Дејан Пантиќ го замени со домашен притвор. Курти не се сложува со одлуката на Основниот суд. Барањето за ослободување на Пантиќ јавно го соопшти Александар Вучиќ. Останува дилемата дали ќе бидат отстранети барикадите на северот од Косово...

Првото барање на Србите од северот на Косово, кои во знак на протест подигнаа барикади на повеќе места, е исполнето. Од притвор е ослободен поранешниот српски полицаец, Дејан Пантиќ. Основниот суд во Приштина, ја промени мерката за безбедност и притворот го замени со домашен притвор. Косовскиот премиер изненаден. Курти не се сложува со одлуката на Основниот суд и праша кој е судијата што одобрил куќен притвор за Пантиќ.
„Бидејќи штрајкуваше со глад и имаше проблеми со срцето, можеше да биде однесен во болница. Но, дали е ова разумно? Да имаш обвинение за тероризам, а потоа да бидеш пратен во домашен притвор. Многу сум љубопитен да дознаам кој е обвинителот кој побара куќен притвор и кој е судијата на претходна постапка што тоа го одобрил“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.
Барањето за ослободување на Пантиќ јавно го соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Информацијата за РТС ја потврди и синот на Пантиќ, Предраг кој јавно се заблагодари на сите луѓе кои ја бараа неговата слобода на барикадите.
„Донесено е решение, тој да биде во куќен притвор. Засега не ги знаеме деталите, не знаеме како ќе се спроведе, но знаеме дека и официјално пристигна одлуката на судот за куќен притвор. Ги чекаме натамошните чекори, важно ни е тоа да е официјално. Благодарен сум на сите што беа на барикадите дење и ноќе, на функционерите, на владата и на претседателот што направија чекор кон конечната победа. Се надеваме дека тензиите ќе смират и дека народот ќе почне полесно да живее“, изјави Предраг Пантиќ, син на поранешниот полицаец, Дејан Пантиќ.
Останува дилемата дали ќе бидат отстранети барикадите поставени на северот од Косово. По Јариње и Брњак, денеска беше затворен и косовскиот премин Мердаре од Куршумлија кон Подујево. ЕУ и сад преку заедничка изјава побараа деескалација на ситуацијата и порачаа дека Брисел и Вашингтон работат и со двете страни за да се стигне до решение.
Бојана Крстевски
