Се отстрануваат барикадите на Мердаре
Се отстрануваат барикадите на северот на Косово. Претходно суд во Приштина му го замени затворот со домашен притвор на српскиот полицаец чие апсење ги предизвика тензиите. Неделава Белград ја стави армијата во состојба на зголемена борбена готовност, а Приштина го затвори најголемиот граничен премин. НАТО, САД и ЕУ повикаа на воздржаност и решение преку дијалог...

Косовските Срби се согласија да ги отстранат барикадите, прифаќајќи ги повиците од САД и Европската Унија за смирување на тензиите. Српскиот претседател Вучиќ, кажа дека процесот веројатно ќе трае подолго. Додаде дека САД и ЕУ гарантираат дека ниеден Србин од барикадите нема да биде кривично гонет. Во меѓувреме, во близина на Дудин Крш изгореа камионски кабини.
„Процесот не е едноставен, не може да се изведе за два часа како што некои замислуваа. Но барикадите ќе бидат тргнати во рок од 24 до 48 часа, но недовербата нема. Оние кои си поигруваат со животот на Србите на Косово мора да го знаат тоа. Исто како што не им го дозволивме досега, нема да им го дозволиме ни во иднина“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Според претседателката на Косово Вјоса Османи, институциите на Приштина ќе дејствуваат доколку тие барикади не се отстранат бидејќи, како што вели се најопасните досега.
„Тоа се оценки на локални и меѓународни безбедносни институции, кои се класифицирани проценки, по една недела ќе можеме да ги декласифицираме. Но, бидејќи животите на нашите полицајци, војници на КФОР, персоналот на ЕУЛЕКС, а пред сè, на цивилите може да бидат загрозени, сега не можам да ги дадам тие детали“.
Од шесте гранични премини меѓу Србија и Косово, три беа затворени поради барикади. Последната барикада беше поставена пред два дена во близина на граничниот премин Мердаре.
Маја С. Филдишев
