Руско-украински конфликт

Бран руски ракетни напади во Украина

29.12.2022 12:46

Воздушна тревога ширум Украина поради нов голем бран руски ракетни напади. Во Киев, жители се засолнуваат во метро станиците. Според Москва, каков било мировен план може да произлезе само од признавањето на суверенитетот на Русија над областите што ги анектираше од Украина. ОН предупредија дека бројката на загинати цивили е значително поголема...

Воздушна тревога ширум Украина поради нов голем бран руски ракетни напади. Украинските власти тврдат дека биле нападнати со 120 проектили, иако некои ракети биле пресретнати. Експлозии се регистрирани во Киев, Харков, Одеса, Лавов, Житомир. Има повредени, меѓу кои и 14 годишно девојче. Нападите се последни во серијата насочени кон витална инфраструктура, предизвикувајќи прекин на електричната енергија.

„Сега имаме многу тежок живот. Нема струја, нема греење, нема вода. Имаме само гас. Наутро одиме по вода, па готвиме храна, понекогаш добиваме хуманитарна помош на плоштадот. Немаме пари, немаме работа. Бидејќи животот е толку тежок, ќе мора да го напуштиме Херсон. Имаме мало дете од 3 години. Решивме да заминеме за еден месец“, рече Лариса Шевцова, жителка на Херсон.

„Едноставно сме уморни од ова. Не знаеме колку долго ќе трае војната. Тешко е да се плашиш секој ден и да го ставиш животот во мирување“, вели Анастасија, лекар.

Во главниот град Киев, жители се засолнуваат во метро станиците.

„Имаше силни експлозии некаде во близина. Утрово беше само лудо“, рече Нина, жителка на Киев.

Руското МНР го коментираше мировниот план на Украина и предлогот за самит во февруари под покровителство на Обединетите Нации. Според Москва, каков било мировен план може да произлезе само од признавањето од Киев на суверенитетот на Русија над областите што ги анектираше од Украина.

„Сметаме дека таквата идеја е уште еден трик за публицитет на Вашингтон, кој од неодамна се обидува да го нарече режимот во Киев како миротворец. Нема ништо сериозно зад тоа. Ова е уште еден обид малку да се коригира досадниот формат на бескрајните видеопораки и говори“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерство за надворешни работи на Русија.

Украинскиот претседател зборувајќи во Врховната рада, потенцираше дека Киев му помогнал на Западот повторно да се најде себеси.

„Му помогнавме на Западот повторно да се најде себеси, да се врати на глобалната сцена и да почувствува до кој степен Западот преовладува. Помогнавме на Европа да се чувствува не како неколку првенства со тимови од различни нивоа, туку како еден силен тим, кој заедно со целиот слободен свет се бори за оваа важна победа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

ОН предупредија дека бројката на загинати цивили е значително поголема од официјалната.

Маријана Димовска