Здравство

180 лекари предвреме пензионирани, 939 ја напуштиле земјава

29.12.2022 15:10

Лекари реагираат на одлуката на надлежните да не им се продолжи работниот однос иако според Законот тоа е можно. За вакви случаи, зголемен е и бројот на претставки до Народниот правобранител. Од Министерството за здравство велат дека одлуките се носат во координација со здравствените установи...

Доктор Мирослав Лазаров, ортопедски хирург е еден од 180-те лекари од земјава кои се предвреме пензионирани во последните шест месеци. Лекарите велат дека наместо тие да одлучуваат преку согласност дали ќе продолжат да работат до 67 години според Законот за работни односи, одлучуваат директорите, а министерот ја потврдува нивната одлука. На овој начин се кршат неколку закони: Законот за здравствена заштита, Законот за кризна состојба и Законот за работни односи-вели д-р Лазаров.

„Одењето предвреме во пензија на 180 специјалисти, доценти, професори и друг медицински персонал е голем удар за здравството на РМ Примањето на нови лекари е нормална работа и тие треба да се едуцираат зошто да не се примаат нови, сигурно, но не требаше да се прекршат законите 204 А прво, се прекрши и Законот за здравствена заштита“, рече д-р Мирослав Лазаров, ортопедски хирург.

Зголемен е бројот и на претставки кои секојдневно пристигнуваат кај Народниот правобранител од здравствените работници и професори на Медицински факултет за кои министерот донел одлука да им престане работниот однос.

„Станува збор за доста искусен кадар кој не дал придонес само во науката и теоријата, туку и во практичното работење, кои ги запазиле сите чекори кои ги предвидуваат законските прописи, а тоа е согласност од Медицинскиот факултет како и матична институција од која добиле позитивно мислење, позитивно мислење од Клиниката каде работат, каде исто добиле позитивно мислење, но на крај министерот според непостоечко дискрециско право одлучува да им го прекине работниот ангажман“, изјави Јован Андоновски, заменик Народен правобранител.

Заменик народниот правобранител Јован Андоновски додава дека до Собранието ќе предложат прецизирање на законските одредби каде ќе биде исклучена можноста министерот и директорите на здравствените установи дискрециски да одлучуваат и при вработување, бидејќи сега се случува да бидат вработени оние што се најниско рангирани според бодовната листа.

Лекарите правдата ја побараат по судски пат, но „заглавиле“ во лавиринтите на нашето судство. Од Министерството за здравство велат дека одлуките се носат во координација со здравствените установи.

„Врз основа на проценките и анализите за моменталната екипираност со кадар во конкретната установа, земајќи ги предвид можностите да се остави простор за унапредување и на помладите доктори“, велат од Министерство за здравство.

Изминативе пет години 939 лекари ја напуштиле земјава според податоците од издадени лиценци за работа во странство.

 

Александра Велинова