Во Скопје повторно надминат прагот на алармирање за аерозагаденост
Согласно заклучоците на Владата на Република Македонија од 2017-та година, за Град Скопје стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање. Во Тетово во два последователни дека концентрацијата на ПМ 10 честички е под дефинираниот праг...

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека на мерните места во Центар и Лисиче во Скопје е надминат прагот на алармирање за аерозагадувањето во два последователни дена.
На 27-ми и 28-ми декември, како што соопшти МЖСПП, во Центар и Лисиче е надминат дефинираниот праг на алармирање, односно во текот на двата дена на овие места имало повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички.
Оттаму додаваат дека согласно заклучоците на Владата на Република Македонија од 2017-та година, за Град Скопје стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
Дополнително, од Министерството информираат дека во Тетово во два последователни дека концентрацијата на ПМ 10 честички е под дефинираниот праг од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Затоа, во Тетово од денеска прекинуваат да важат мерките за надминат праг на алармирање за аерозагадувањето.
Во моментов, според платформата „Ај-Кју-Ер“ во Скопје се измерени 24.5 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 67.2 микрограми на кубен метар.
Скопје во моментов е на 41. позиција според листата на загадени градови во светот со индекс на аерозагаденост 77.
