Се намалуваат тензиите на северот на Косово
Се отстрануваат барикадите на северот на Косово. Тензиите попуштаат откако двете страни добиле гаранции од Европската Унија и Соединетите Американски Држави...

Се отстрануваат барикадите на северот на Косово. Укината и наредбата за зголемена борбена готовност на српската војска. Косовските Срби ги прифатија повиците од САД и ЕУ за смирување на тензиите. Српскиот претседател Вучиќ, рече дека процесот веројатно ќе трае подолго, како и дека САД и ЕУ гарантираат дека ниту еден Србин од барикадите, нема да биде кривично гонет.
„Успех е она што сега постои „обврски на КФОР“ дека без нивна согласност, но и без локалната српска заедница, па дури и без Србија, не е можно присуство на косовските безбедносни сили на северот на Косово. Тоа за нас е голема работа“, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Амбасадорот на Србија во САД, Марко Ѓуриќ, рече со договорот Србија отишла чекор подалеку во поглед на правна заштита на положбата на Србите на северот од Косово.
Според претседателката на Косово Вјоса Османи, пак, институциите на Приштина ќе дејствуваат доколку тие барикади не се отстранат бидејќи, како што вели, се најопасните досега.
„Тоа се оценки на локални и меѓународни безбедносни институции, кои се класифицирани проценки, по една недела ќе можеме да ги декласифицираме. Но, бидејќи животите на нашите полицајци, војници на КФОР, персоналот на ЕУЛЕКС, а пред сè, на цивилите може да бидат загрозени, сега не можам да ги дадам тие детали“, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.
Од шесте гранични премини меѓу Србија и Косово, три беа затворени поради барикади.
„Ситуацијата сега е мирна. Она што е очигледно кај граѓаните со кои разговарав е дека се прилично незадоволни од одлуката. Се добива впечаток дека на некој начин се измамени и злоупотребени, за жал, за да постигнат некои политички поени“.
Последната барикада беше поставена пред два дена, во близина на граничниот премин Мердаре.
Марина Ристова
