Продолжува отстранувањето на барикадите на северот
Голем дел од блокираните патишта на кои беа поставени пунктовите се веќе проодни. Според официјален Белград – Србија остварила мала дипломатска победа...

Барикадите што ги поставија Србите на неколку места на северот на Косово постепено се отстрануваат. Голем дел од блокираните патишта на кои беа поставени пунктовите се веќе проодни. Според официјален Белград – Србија остварила мала дипломатска победа. Претседател Вучиќ, кој се сретна со Никола Недељковиќ, момче кое беше ослободено по шест месеци затвор во Приштина, порача дека Западот мора да се држи до дадените гаранции.
„Важно е меѓународната заедница да ги исполни гаранциите што ги даде и да разбере дека се правеле наивни и дека гледале како некој гради четири бази не за да изгради доверба кон луѓето што живеат на северот на Косово и Метохија туку со тоа да му се заканува на народот“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вучиќ рече дека побарал од европските претставници да бидат внимателни бидејќи ситуацијата е многу поопасна и потешка отколку што мислат.
Но, Приштина не мисли дека Србија остварила дипломатска победа. Косовскиот премиер Курти рече дека тие биле убедени дека во прашање се денови кога барикадите ќе се отстранат.
„Се отстрануваат барикадите. Во неделата рековме дека е прашање на денови кога ќе заминат. Уште подобро што тоа се прави без интервенција на полицијата. Сами ги ставија барикадите, сами ги отстранија. Со други зборови, тие што блокираа се уморни“, рече Курти.
Претставникот на европската унија за дијалогот меѓу двете страни, Мирослав Лајчак, рече дека нивото на недоверба меѓу Белград и Приштина е повисоко од кога било досега, но дека е важно лидерите на двете земји да почнат да создаваат атмосфера за нормализација на односите. Тој посочи дека рокот во март има за цел да укаже на сериозноста за постигнување договор.
Марина Ристова
