УКРАИНА

Воздушни напади во повеќе градови во Украина

30.12.2022 14:07

Повеќе региони се соочија со масовно гранатирање насочено кон електрани и друга критична инфраструктура...

Украинската армија соопшти дека одбила напади со руски беспилотни летала од југоисток и север, вклучително и врз Киев. Повеќе региони се соочија со масовно гранатирање насочено кон електрани и друга критична инфраструктура. Има повредени. Украинските власти тврдат дека илјадници војници и цивили се исчезнати откако руските сили ја нападнаа земјата на крајот на февруари.

„Ова е терор. Ова е геноцид врз украинскиот народ. Тие ја погодија инфраструктурата, удираат станбени згради“, изјави Микита Постол, жител на Харков.

„Ова не е терор, ова е полошо од терор. Не можам да објаснам со зборови“, додаде Јулија Светлична, жителка на Харков.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека Москва употребила високопрецизно оружје за напад на енергетската и воено-индустриската инфраструктура.

Игор Конашенков, портпарол на Министерство за одбрана за Русија изјави „Руската Федерација почнаа масовен напад, користејќи високопрецизно вооружување со долг дострел од воздух и море. Нападот резултираше со запирање на производството и поправката на воената опрема и движењето на резервните трупи“.

Најжестоки битки се водат во Бахмут, Соледар, а непријателот не ја напушта идејата да го заземе регионот Доњецк за Нова Година, тврди претседателот Зеленски.

„Со секој ракетен напад, Русија само се турка себеси подлабоко во ќорсокак. Тие имаат се помалку проектили. Статусот на „најголемиот терорист во светот“ ќе има последици за Русија и нејзините граѓани уште долго време. Секој проектил само потврдува дека ова мора да заврши со трибунал“, изјави Володимир Зеленски-Претседател на Украина.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг ги повика земјите-членки на Алијансата да му достават повеќе оружје на Киев.

Маријана Димовска