Македонија

Сега ќе пазариме, после Нова година рестрикции

30.12.2022 14:19

Граѓаните ги прават последните подготовки за Нова година. На пазарите раздвижено, ама се внимава како се трошат парите. Граѓаните признаваат дека трпезата ќе биде поскромна. Најголемиот дел од нив, дома ќе ја испратат старата и ќе ја пречекаат новата година, но, оние со подлабок џеб веќе заминаа во странство...

Скромна новогодишна трпеза за македонските граѓани. Кризата ги натера да штедат. На пазарите гледаат, мерат и премеруваат, се купува само неопходното. Се жалат – еден килограм свинско месо чини 400 денари, а телешко над 700, за две години за двојно пораснаа цените. Но, месо мора да има. И покрај кризата, имаше редици пред месарниците. Некои купуваат половина од она што претходно купувале, а некои само разгледуваат. Веќе е јасно дека новогодишната трпеза ќе биде поскромна.

И овошјето и зеленчукот веќе станаа луксуз, се жалат купувачите. Па така, еден килограм краставици чини 120 денари, а килограм домати 100 денари. Додека еден килограм банани се продаваат за 95 денари, а мандарините и по 70 денари.

И не е само храната проблем. Веќе не може ниту да се отпатува некаде за празниците.

Но, оние со подлабок џеб, сепак, ќе заминат надвор од земјава. За нив, поскапените авиобилети и аранжмани не се пречка. Некои ќе отпатуваат и во топлите егзотични места.

„Тие што патуваат на егзотични дестинации патуваат и пак ќе патуваат. Тоа не е пречка да патуваат. Со тоа што авионските билети и аранжманите се поскапени за 70 насто во однос на изминатите години, поради поскапувањето на керозинот, но тие дополнителни трошоци за некого не се проблем“, изјави Аркан Керим, претседател на угостителско-туристичка комора.

Поради поволните цени, годинава како најмногу барани дестинации за новогодишната ноќ се Истанбул и Дубаи.

Александра Велинова