Нова година низ годините
Славењето на новогодишните празници како што сега ги одбележуваме започнало пред седумдесеттина години. На почетокот многу скромно,но од седумдесеттите години на минатиот век навака празничната еуфорија, елегантната облека и забавите биле на високо ниво. Разликата со сегашните прослави може да се бара во тоалетата што се носи, музиката што се слуша и прославите на градските плоштади. За жал во ова модерно време ги нема честитките со емотивни желби за успешна Нова година...

Велат дека Нова година е празник на среќата, на новиот почеток, на убавите желби. Помладите генерации се прашуваат како се славело пред 5,6 или повеќе децении, а ние одговорот го побаравме во депото на охридскиот Историски архив каде што фотографиите откриваат дека и тогаш имало новогодишна еуфорија, богати трпези во домовите и рестораните, а сето тоа зачинето со елегантна облека и добра музика. Украсените елки и подароците не се ништо ново, а што е многу важно и тогаш хуманоста била дел од новогодишната традиција.
„Ние пронајдовме одредени фотографии како Дедо Мраз им подарува новогодишни пакетчиња, во раните 70-ти години на децата од Детското одделение при болницата во градот Охрид“, рече Никола Митровиќ, раководител на Историски архив Охрид.
И наместо како денес со еден клик на мобилните телефони да испратиме порака со новогодишни желби, во тоа време честитките се изработувале со комплициран процес за кој говорат фотографските калапи пронајдени во архивот.
„Имено станува збор за темплејти во кои што на почетокот е впишан наслов,односно Среќна Нова година, а подоцна е ставана фотографија од самиот нарачател или порачател на таа новогодишна честитка. Се разбира овој темплејт имал огромно влијание и се нарекувал мастер темплејт од кој најчесто се правеле околу 10 вакви видови“, рече Никола Митровиќ, раководител на Историски архив Охрид.
Луѓето велат дека ги сакаат декември и јануари, бидејќи се месеци на празници, радост, среќа и дружење. Па затоа на залезот на оваа година да посакаме секој месец во наредната година да ни биде таков.
Сашо Нелоски
