Премините Јариње и Брњак се отворени, барикадите речиси отстранети
Србите ги тргнаа речиси сите барикади на северот од Косово. Отворени и Јариње и Брњак. Приштина и натаму провоцира, испраќа полицајци во северниот дел на Косовска Митровица, предупреди Вучиќ. Курти пак негира дека имало таен договор со Белград за повлекување на барикадите...

Србите ги отстранија речиси сите барикади на северот на Косово, што ги поставија поради апсењето на сонародниците и доаѓањето на косовските специјалци. Сообраќајот е нормализиран на сите главни патни правци и на административните премини Јариње и Брњак. Отстранувањето на барикадите го поздравија КФОР и ЕУЛЕКС. Српскиот претседателот Вучиќ им посака на Србите во Косово да останат и како што рече да преживеат. Сепак, предупреди дека Приштина провоцира со тоа што сè уште ја испраќа косовската полиција од јужниот во северниот дел на Митровица.
„Тие луѓе не разбираат дека немаат сила на север, никој не се плашеше од албанците. Тие не можат ништо да направат на север. Тие не се посилни од Србите“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Косовскиот премиер Курти пак изјави дека со Србија нема таен договор за отстранување на барикадите и дека единствената гаранција која ја дале на меѓународните претставници е дека не постојат списоци за апсење. Курти ги отфрли тврдењата дека дал гаранции за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Косовскиот премиер кажа дека поради ескалацијата на ситуацијата на северот имало само состаноци со амбасадорите на Кфор, Еулекс и на САД.
„Нема такви гаранции од владата на Косово. Заедницата на општините стана заедница на барикади. Тие сакаат општините да се однесуваат како барикади. Како што направија 16 барикади заедно, тие сакаат да направат 10 општини. Ние постојано нагласувавме дека трпението на граѓаните и на владата се исцрпува, затоа им дадовме малку повеќе време и простор на КФОР, но тоа не можеше да трае бесконечно“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Косовскиот премиер оцени дека барикадите не биле толку против власта, колку што верува дека биле „против политичкиот плурализам во српската заедница на Косово.
Милчо Велески
