ОБСЕ

Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ

01.01.2023 10:25

Од денес, 1 јануари 2023 година, Република Северна Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија...

Од денес, 1 јануари 2023 година, Република Северна Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.

Под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

„Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи“, истакна Османи.