Желби за емпатија, правда и љубов
Емпатија, повеќе правда, почист воздух и насмевка кај луѓето. Годинава овие желби не доаѓаат од Дедо мраз, туку од Имер Исмаиловски, 69-годишен скопјанец кој речиси три децении продава печени костени на плоштадот „Македонија“. Да имаме сите, оти во лакомштината нема ништо убаво, вели нашиот соговорник...

Емпатија, повеќе правда, почист воздух и насмевка кај луѓето. Годинава овие желби не доаѓаат од Дедо Мраз, туку од Имер Исмаиловски, 69 годишен скопјанец кој речиси три децении продава печени костени на плоштадот „Македонија“. Да имаме сите, оти во лакомштината нема ништо убаво, вели нашиот соговорник.
„Кога ќе биде подобро на другите и мене сигурно нема да ми биде лошо, зашто животот е синџир“, рече Исмаиловски.
Не намамија отворените костени на жар, не задржа неговата спонтана честитка за поубава година.
„Побериќетна, да бидат порелаксирани луѓето, понасмеани. Сега оваа, претходната година што помина не гледам многу расположени луѓе. И јас сум ист!“, рече Исмаиловски.
69 годишниот Имер Исмаиловски, околу три децении пече костени на плоштадот за сладокусците кои секојдневно поминуваат на ова место. Искусниот скопјанец ги познава луѓето како и слаткиот плод, па затоа љубезно посака во новата година да бидеме погрижливи едни кон други, зашто, како што вели, алчноста не донела никому среќа.
„Не вреди само јас да имам! Треба и другите да имаат! Што ако имам јас?! Не вреди тоа! Сите да имаат барем за опстанок! Сега кога гледаме лоши ситуации, војни, ова-она, цените горе. јас не гледам дека цените паѓаат“, заклучи тој.
Ако немало толку луѓе што ќе ми купат костени и јас немаше да преживеам лесно, тоа е тајната на животот, вели Исмајловски. На заминување, ни ја откри и тајната за вкусен печен костен.
Катерина Топалова
