Дочек на Новата година
Точно на полноќ, ја испративме старата, ја дочекавме Новата година. Желби за здравје, среќа и бериќет. За најлудата ноќ, секој со своја шема, но главно во домашна атмосфера со најблиските и пријателите. Познати пејачи и инструменталисти ги забавуваа граѓаните кои решија вечерта да ја поминат на плоштадот „Македонија“...

Весело, разиграно, дел од скопјани ја дочекаа новата 2023-та на плоштадот во центарот на Скопје. Иако со скромно новогодишно украсување, благодарение на донации и на македонските музички ѕвезди, скопјани ја почувствуваа новогодишната атмосфера.
Најголем дел од граѓаните Новата година ја поминаа во домашна атмосфера, но предновогодишно го посетија плоштадот. Децата се порадуваа на вртелешката и возот.
Повозрасните посакаа здравје, бериќет и 2023-та да биде подобра година.
Оние што можеа да си дозволат и покрај економската криза, најлудата ноќ ја прославија во ресторани, кафулиња и хотели. Гости имаше и од странство.
На новогодишната ноќ маглата го покри Скопје, па пусто беше по скопските општини иако плоштадите беа украсени и покрај кризата и незаинтересираноста на градските власти, традицијата не се прекина, па Скопје имаше дочек на новата 2023-та.
Ирина Гелевска
