Кичевчани оваа година бараат решавање на проблемот со загадениот воздух, отпадот и уличните кучиња
Кичевчани од Дехари оваа година бараат мерки против загадениот воздух, поголема хигиена во градот и решавање на долгогодишниот проблем со уличните кучиња. Желбите за 2023 се подобрување на економската состојба во земјава...

Кичевчани од градоначалникот Фатмир Дехари во Новата година бараат да преземе итни мерки против загадувањето на воздухот. Да се посвети на подобрување на хигиената во градот и да изнајде решение за проблемот со бездомните кучиња, кои ги има во преголем број.
Велат ова се клучните проблеми кои ги мачат жителите и потребни се конкретни мерки
„На прво маски треба, многу е тежок воздухот во Кичево. Улиците да ги поправи, таму каде што се за поправање“, вели еден кичевчанец.
„Хигиена во градот да има повеќе, кучињата да ги отстранат ќе нè изедат кучињата. Политичарите да се подобри, посвесни не само да зборуваат а ништо не прават“, вели друг кичевчанец.
„Кучиња има како овци да имаме, забрането е да ги искараш да ги удриш, а нема деца кого немаат каснато. Внучето мое пред некој ден го каснаа“, вели трет кичевчанец.
Кичевчани велат минатата година ќе ја паметат по енергетската и економската криза. Посакуваат 2023 да има подобрување на состојбата на финансиски план. Нови работни места за да се намали масовното иселување на младите.
„Четириесет години сум работел 12 000 земам пензија, срамота е тоа“, вели кичевчанец.
„Не памтиме ваква криза“, вели друг кичевчанец.
Кичево не е украсен за новогодишните празници, последно градот беше накитен во 2014 година. Градоначалникот, Фатмир Дехари, вели дека не го украсил бидејќи парите ги насочил за реализација на неопходните проекти.
Соња Рилковска
