Новата година дочекана во прекрасна атмосфера
Со богата музичка програма во Охрид, на градскиот плоштад во добро расположение новата година ја дочекаа неколку илјади охриѓани и гости од земјава и странство. Весело беше и во хотелите кои ги отворија вратите за празниците, чии капацитети беа исполнети помеѓу педесет и седумдесет проценти, а најголемиот број охриѓани новогодишната ноќ ја минаа во своите домови со богата трпеза...

Илјадници граѓани на Охрид и гости од земјава и странство во прекрасна атмосфера ја дочекаа Новата 2023 година. Како и секогаш највесело беше на градскиот плоштад каде што за доброто расположение на славениците се погрижија познати македонски естрадни уметници меѓу кои беа Петар Нечоски, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски и Миле Кузманоски. Весело беше и во хотелите кои беа половично исполнети, а Новата Година се славеше по традиција и во домашна атмосфера со најблиските.
„Многу среќа, здравје, љубов и слога. На сите им посакувам се најдобро во Новата Година“, гостинка од Србија.
„Посакувам здравје на сите, љубов, среќа и да биде мир. Овде е фантастично, атмосферата е прекрасна, презадоволни сме и вака весело да биде во текот на новата година“, гостинка од Србија.
Синоќа недостигаше само снежна покривка, но и без тоа Охрид облечен во празнично руво изгледаше прекрасно.
„Посакувам многу среќа, здравје, успех, секако многу љубов и наредната 2023 да ни е многу, многу поуспешна од оваа и да имаме само напредок на секое поле“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
По традиција денеска претпладне домаќините и гостите ги исполнија охридската чаршија, рестораните и кафетериите во центарот на градот, а за нивно добро расположение точно напладне се одржа забава од која би го издвоиле проектот „И повторно евергрин“.
Сашо Нелоски
