Новото раководство на ФФРМ ја претстави агендата за следните две години

30.04.2014 15:12

Претседателот на ФФРМ Никола Стаменов подвлече дека договорното производство, организираниот пласман, соработката со државните институции, банките и осигурителните компании, остануваат приоритет...

Кредити со пониски каматни стапки, кооперација со осигурителните компании, соработка со владата и позачестено присуство на терен со земјоделците, ова е дел од агендата на новоизбраниот претседател на Федерацијата на фармери, Никола Стаменов, и на новиот управен одбор.

„Во соработка со осигурителните компании ние секогаш на терен ќе бидеме присутни меѓу нашите земјоделци со сето она што ни се пружа од страна на Владата и на ресорното министерство за субвенциите во осигурувањето на своите посеви“, рече Стаменов.

Претставувајќи ги активностите за следните две години, претседателот на ФФРМ Никола Стаменов подвлече дека договорното производство, организираниот пласман, соработката со државните институции, банките и осигурителните компании, остануваат приоритет.

Без договорно производство и организиран пласман нема напредок во земјоделството. Клучно е и што поинтензивното вклучување на младите, како и на жените фармери во агросекторот, нагласи Стаменов кој уште еднаш ја потенцира потребата од осигурување на посевите што мора да биде, рече, обврска на секој земјоделец.