Турчинов: Киев не е во состојба сам да ја контролира состојбата на истокот

30.04.2014 15:23

Се формираат локални милиции, додека проруските активисти ја зазедоа полицијата во Горловка и во Доњецк...

Украинската војска е во состојба на целосна готовност пред заканата од руска инвазија. Преодниот претседател Турчинов призна дека Киев не е во состојба сам да ја контролира состојбата на истокот. Се формираат локални милиции, додека проруските активисти ја зазедоа полицијата во Горловка и во Доњецк.

„Групи под целосна контрола на Руската Федерација се концентрирани во Славјанск. Тие се терористи и инфилтратори. Убиваат и измачуваат луѓе, земаат заложници, користат од пиштоли до ракетни фрлачи“, изјави Олександер Турчинов, претседател на Украина.

Нема руски инструктори, специјалци или војници во Украина. Зад ескалацијата стојат САД – одговори рускиот претседател Путин на западните обвинувања. Претходно, американскиот државен секретар Кери побара Русија да ја остави Украина на мира.

„Изјавувам дека нема ниту инструктори, ниту специјалци ниту војници. Тие го направија хаосот, но сакаат ние да го расчистуваме“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

„Преку анексијата на Крим и дестабилизацијата на истокот на Украина, Русија сака да го смени безбедносниот пејзаж на Источна и Централна Европа“, изјави Џон Кери, државен секретар на САД.

На новата средба на Советот за безбедност на Обединетите нации, рускиот амбасадор Чуркин го обвини Киев дека охрабрен од западот, упорно ја турка земјата во катастрофа.

„Најважната работа за деескалација треба да ја направи владата во Киев, како што се нарекуваат“, изјави Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во СБ на ОН.

„Русија продолжува да го финансира, да го координира и да го потпалува тешко вооруженото сепаратистичко движење“, смета Саманта Пауел, амбасадор на САД во СБ на ОН.

НАТО соопшти дека за да избегне уште поголема ескалација, нема да и даде директна воена помош на Украина, но размислува за поддршка на земјите членки на Алијансата.

Ивана Салтировска