Критичната инфраструктура цел на руските напади
Жесток напад со дронови на Киев. Прекини на струја и греење. Шефот на воената управа ги повика граѓаните да останат во засолништата. Москва објави дека целта на нејзините напади биле инсталации за производство на беспилотни летала...

Русија е насочена кон критичната инфраструктура на Украина во серија напади со беспилотни летала врз Киев и регионот околу него, изјавија украинските власти. Градоначалникот на Киев Кличко соопшти дека млад човек е повреден во експлозија во областа Киев и дека сите служби се на терен. Оштетена е енергетската инфраструктура, a снабдувањето со вода не е засегнато.
„Ноќта слушнав многу силна експлозија, дури и мебелот се помести. Бидејќи веќе имаше тревога од воздух, разбравме дека се работи за експлозија. Отидов на балконот и веќе имаше искршени стакла“, рече жител на една од оштетените згради.
Шефот на воената управа на Киев ги повика граѓаните да останат во засолништата. Москва, од своја страна, објави дека целта на нејзините напади биле инсталации за производство на беспилотни летала.
Украинскиот претседател Зеленски со остри зборови ги осуди руските воздушни напади со дронови врз неговата земја. Изјави дека силите на неговата земја собориле 45 беспилотни летала „шахед“, произведени од Иран. Го пофали „заедништвото“ на неговата земја и рече дека чувствува дека Русија ја „губи“ војната.
„Им благодарам на нашите воздухопловни сили – пилоти, противвоздушни воини. Благодарност до противвоздушната одбрана на нашите копнени сили за уште 12 соборени ирански беспилотни летала. Браво момци. Руските терористи беа патетични и влегоа оваа година останувајќи исти. Нашите бранители беа страшни, и на 1-ви јануари многу добро се покажаа. Ова е во спротивност со стравот што владее во Русија. Тие се плашат. Можете да го почувствувате тоа. И тие се во право што се плашат. Затоа што губат. Дроновите, проектилите, ништо друго нема да им помогнат. Затоа што сме заедно“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Инаку во Украина продолжуваат жестоките битки за важен автопат кој е клучна рута за снабдување на руските сили во Донбас. Ако Украина успее да ја преземе контролата над овој автопат и да го прекине снабдувањето од Белгород, тоа во голема мера би ја намалило способноста на Русија да го задржи градот Кремина.
Марина Ристова
