Лекарите заминуваат од земјава за подобри услови за работа
Лекарите заминуваат од земјава за подобри услови за работа. Доктор Јетмир Садику од Кичево е еден од многуте кои гради кариера во странство. Седум години живее и работи во Универзитетскиот клинички центар „Хелиос“ во Германија...

Неврохирургот Јетмир Садику од Кичево е еден од многуте лекари, кои заминаа од земјава. Тој веќе седум години работи во Универзитетскиот клинички центар „Хелиос“ во Вупертал Германија. По дипломирањето само неколку години работел во Кичево, заминал во Германија за специјализација, но и за подобри услови за работа.
Причините за иселувањето на медицинскиот кадар се специјализациите кои се премногу скапи на приватно, долго се чекаат на државно, но и ниските плати на лекарите.
„До 2017 платите на лекарите во Македонија беа на многу ниско ниво, знам дека од 2017 наваму има подобрување, но не се сепак на ниво на европските земји“, вели Садику.
„Европските клиники располагаат со најнова медицинска опрема и инвестираат во едукација на кадарот“, вели Садику.
„Се применуваат најновите опреми и техники во областа на медицината. На секој кој сака да работи му се овозможува простор за да се доедуцира, дообучува и да специјализира“, додава Јетмир Садику.
Специјалистите во европските земји земаат пет пати повисоки плати. Во последните десет години од земјава заминале околу 500 лекари, а трендот на иселување продолжува.
Соња Рилковска
