Здравство

Болестите на тироидната жлезда во пораст

02.01.2023 15:48

После пандемијата лекарите регистрираат зголемен број на пациенти со нарушена функција на тироидната жлезда. Не е утврдено дали ова се должи на намалениот обем на работа на ендокринолозите за време на пандемијата или е последица од вирусите и стресот, како фактори за појава на болеста...

Тироидните заболувања се во пораст, лекарите ова го толкуваат со достапноста на лабораториите и можноста болеста да се дијагностицира и без симптоми. Македонија нема регистар за пациенти со нарушена функција на тироидата, но според лекарската пракса доминира хипотиреозата.

Овие заболувања и во светот и кај нас, најчесто се резултат на автоимуни болести, но причина може да биде и дефицитот на јод.

Работата на тироидната жлезда се нормализира фармаколошки и не остава последици по здравјето, но само доколку пациентот нема и други сериозни заболувања.

Нарушена функција на тироидната жлезда се почесто се јавува кај младата популација. Освен автоимуните заболувања и јодниот дефицит, стресот, бременоста, пушењето и вирусните инфекции, лекарската пракса ги препознава како тригер фактори за појава на болеста.

Славица Величковска