Фудбал – Лига на шампиони

Без фудбал до елитно финале!

30.04.2014 15:36

Ако традицијата може да загрижува тогаш проблемот, барем на хартија, за Атлетико е тоа што на девет гостувања во Англија има само еден триумф...

По разаочарувачките и антифудбалски 0:0 на „Висенте Калдерон“, најпривлечното во полуфиналниот реванш меѓу Челзи и Атлетико е тоа што мора да има подобар, попрецизно поуспешен, па макар тоа било и по пенали. Во Мадрид, „сините„“ не дозволија да се развие игра, дојдоа по нерешено и си заминаа без голови, но иако на „Стемфорд Бриџ“ пристапот би требало да биде поинаков, нема најави дека фудбалот ќе доминира пред тактиката. Во таков стил се и изјавите на стручњаците на двете екипи.

„Игра полуфинале во Лигата на шампионите, на две победи е до титулата во Шпанија и тоа покрај Реал и Барселона, затоа го ценам Атлетико. Ова е нокаут меч на детали. Резликата е во еден гол, сите мора да бидат на највисоко ниво, во овие 90 минути фудбалерите се поважни од менаџерот. Навистина играме дома, но гол на Атлетико му врши голема работа и затоа никој не е во предност“, претпазлив беше стратегот на Челзи, Жозе Мурињо.

„Ги респектирам сите начини да се дојде до победа. Не е едноставно ниту само да се браните, ниту пак да напаѓате со десет фудбалери. Секој има различен пристап и избор на тактика, нема најдобар начин. Во фудбалот не постои еден начин, кога би било така би било здодевно. На крајот, најважни се победите и резултатот, без разлика како се остварени“, рече тренерот на Атлетико, Диего Симеоне како притоа да сакаше да најави уште еден тврд и дефанзивен натпревар.

Во Челзи ништо не е онака како што изгледа во јавноста, па и покрај информациите дека по повредите во Мадрид, сезоната за Чех е завршена, а Тери би можел да игра само во евентуалното финале и двајцата вчера тренираа. Сепак, капитенот ќе биде на теренот, но голманот ќе отсуствува. Добрите вести се дека по повредите ќе се вратат Самуел Ето и Еден Азар, а лошите дека поради картони ќе паузираат Френк Лампард и Џон Оби Микел.

Хендикеп за гостите е суспензијата на капитенот Габи, во конкуренција ќе биде стоперот Манкиљо, но ќе остане на клупата.

Статистиката во елитните дуели обично не важи, но Челзи има доволно позитивни елементи за оптимизам пред втората меѓусебна пресметка во Лондон. Во 2009 во фазата по групи славеше со 4:0, во полуфиналињата дома нема пораз на 12 европски мечеви, додека последна шпанска екипа што се радувала на „Стемфорд Бриџ“ била Барселона и тоа пред осум години и 16 натпревари.

Ако традицијата може да загрижува тогаш проблемот, барем на хартија, за Атлетико е тоа што на девет гостувања во Англија има само еден триумф, пред 17 години против Лестер. Сепак, црвено- белите имаат импресивни бројки според коишто се единствената екипа во Лигата на шампионите којашто се уште не е поразена. Од 11-те мечеви, пет се на гостински терен. Притоа, Атлетико ја има и најдобрата одбрана со само пет примени гола.

Трето финале за Челзи и за Мурињо со различни екипи или второ за Атлетико и тоа по пауза од 40 години, одговор мора да има. Преносот ќе биде на МРТ1 во 20 часот и 45 минути.