Воен конфликт

Не стивнуваат руските напади во Украина

03.01.2023 13:00

Не стивнуваат руските напади врз цели во Украина. Во првите два дена од годинава и двете страни во руско-украинскиот конфликт бројат жртви. Соборени беспилотни летала, нападнати објекти, уништена воена инфраструктура. Русија планира напади со цел да го исцрпи нашиот народ, тврди Зеленски. На трети февруари, во Киев, самит Украина-ЕУ за европската финансиска и воена помош…

Не стивнуваат битките во Украина. И двете страни во конфликтот бројат жртви. Украинската армија соопшти дека во регионот Керсон, убиле и раниле до 500 руски војници, а непријателот продолжува да трпи загуби. Соборени се повеќе од 80 беспилотни летала произведени од Иран, лансирани од Русија во првите два дена од годинава.

„Украинските одбранбени сили изминатиот ден извршија 13 напади на области каде што е концентриран непријателски персонал, оружје и воена опрема, како и пет удари врз позициите на противвоздушните ракетни системи“, изјави Андриј Ковалев-портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Руското Министерство за одбрана пак соопшти дека 63 руски војници биле убиени во украински напад врз објект во источниот регион Доњецк. Според извештај на државната руска новинска агенција, над пристаништето во Севастопол се соборени две украински беспилотни летала.

„Режимот во Киев таргетираше точка на привремено распоредување на една од единиците на руските вооружени сили во Доњецката Народна Република. Како резултат на ударот загинаа 63 руски војници. Целата потребна помош и поддршка ќе им биде обезбедена на роднините и пријателите на загинатите војници“, изјави Игор Конашенков-портпарол на руското Министерство за одбрана.

Локалните власти соопштија дека откриле 25 кампови за мачење во областа околу Харков од неговото ослободување од руската окупација … Според истрагите на украинските власти, руските сили извршиле воени злосторства и на други окупирани територии. Москва планира напади со дронови со цел да ја исцрпи украинската армија, тврди претседателот Зеленски …

„Бројот на соборени ирански беспилотни летала над Украина веќе надмина 80. Во блиска иднина, оваа бројка може да се зголеми, бидејќи ноќите можат да бидат прилично немирни во текот на овие недели. Имаме информации дека Русија планира напади со цел да го исцрпи нашиот народ, нашата воздушна одбрана, нашата енергија“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски разговарал со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен за новата финансиска поддршка за Украина, што се очекува месецов, како и за подготовката на самитот Украина-ЕУ во февруари. Самитот ќе се одржи во Киев главно за европската финансиска и воена помош за Украина.

Маријана Димовска