Македонија

Новогодишниот празничен викенд навестува плодна година за туризмот

03.01.2023 13:24

Изминатиот празничен продолжен викенд Охрид наликуваше како среде лето. Илјадници гости од целиот Балкан го посетија главниот туристички центар. Уживаа во убавото време на брегот на Охридското езеро и прошетките во стариот дел на градот. Според туристичките работници, ако Новогодишните празници се земат за репер, може да се каже дека следува плодна година за туризмот …

Новогодишниот празничен викенд навестува враќање на туризмот на старите патеки. До вчера Охрид беше преполн со туристи исто како пред пандемијата. Според анализите на туристичките работници најбројни беа туристите од Србија, но имаше групи и од Бугарија, Хрватска, Албанија, Турција, Романија и Израел.

Убавото време, празничната атмосфера придонесоа за бројните туристи да уживаат во прошетките на брегот на Охридското езеро, но и да ги посетат културно историските споменици во градот.

„Се надевам дека ќе успееме да ги анимираме гостите за повторно да дојдат и да ја продолжиме сезоната да нема само летна во Охрид туку да е преку целата година“, вели Димитар Кавраков претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи.

Трендот на пораст на туристи се очекува да продолжи. Според најавите на туристичките водичи, наплив на гости од соседството се очекуваат и за претстојните празници.

„За Божиќ би имале како и секоја година претежно од нашите православни верници од Балканот, Албанија, Грција, Црна Гора и Србија. Католичките верници не би дошле за Водици, но од 8 ми март очекуваме да се засилат патувањата кон Охрид, тогаш ќе сме преполни според најавите“, вели Љупчо Јузмески туристички водич.

За Бадник, Божиќ и Водици, како најмасовен и уникатен празник се очекуваат дел од православните верници од земјава и Балканот.

Соња Рилковска