За два дена две жртви на сообраќајни несреќи близу Штип
Две жртви во две сообраќајни несреќи во првите два дена од годината на подрачјето на СВР Штип. Загинаа две млади лица од Пробиштип и село Кадино – скопско, а уште две лица се тешко повредени во други две сообраќајни незгоди, едната кај Македонска Каменица, втората кај делчевското село Очипала. СВР Штип со апел за крајна внимателност во сообраќајот во услови на густа магла и влажни коловози...

Во првите два дена од оваа година, во две сообраќајни несреќи во близина на Штип загинаа две лица. Првата несреќа се случи утрото на први јануари на магистралниот пат Штип – Кочани, на место викано „Брилијант“, кога патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки удрило во 21 годишниот А.Ѓ. од село Кадино, кој починал на лице место, а А. П од село Трубарево бил повреден и повредите му биле санирани во болницата во Штип.
Втората сообраќајна несреќа се случи вчера вечер на магистралниот пат Штип – Кочани кај клучка Три Чешми, каде дошло до судар меѓу автомобил со пробиштипски ознаки и автобус со беровски таблички. Во несреќата смртно настрада сопатникот во автомобилот, 37 годишниот С.Т. од Пробиштип, а возачот е хоспитализиран на одделенисто за ортопедија во болницата во Штип и е во стабилна состојба. СВР Штип со апел до возачите за крајна внимателност во управувањето на возилата, посебно во услови на густа магла
На подрачјето на СВР Штип минатата година 14 лица смртно страдале во сообраќајни несреќи, исто толку жртви имало и во 2021 година.
Славица Величковска
