Политика

Мицкоски очекува оваа година да е изборна

03.01.2023 14:32

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски повторно со барање за предвремени парламентарни избори. Очекувам оваа година да биде изборна, рече Мицкоски. Ги охрабри пратениците кои, како што вели, даваат сигнали за распуштање на парламентот, да не потпаднат под притисоци од власта…

Очекувам оваа година да биде изборна, да имаме предвремени парламентарни избори и граѓаните да добијат влада која тие ќе ја изберат, а не да биде избрана само во тесен круг, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ги охрабри пратениците кои, како што вели, даваат сигнали за распуштање на парламентот, да не потпаднат под притисоци од власта.

Мицкоски не сакаше да ги коментира состојбите во СДСМ, поврзани со пишувањата во медиумите за пуч во редовите на владејачката партијата. Вели-тоа си е нивна автономна работа.

Од СДСМ реагираат. Велат, Мицкоски по којзнае кој пат ја отвора приказната за ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори.

„Поради лични интереси Мицкоски идеолошки ја обезличи ВМРО-ДПМНЕ и ја стави во целосно заложништво на Левица. Може Мицкоски заради лични внатрепартиски потреби да си прави сценарија за предвремени парламентарни избори, но факт е дека изборите ќе бидат редовни, во 2024-та“, нагласуваат од СДСМ.

Според СДСМ, на тие избори Мицкоски и неговите пиромански политики повторно ќе бидат поразени.

Марина Стојанова-Тонева