ЕНЕРГЕТИКА

До април најкритичен период за производство на струја, велат експертите

03.01.2023 14:55

Најкритичен период за производството на струја ќе биде до април до кога се очекуваат студени бранови кои може да бидат предизвик за енергетскиот сектор, оценува професорот Антон Чаушевски. Тој не очекува поголеми проблеми во производството на струја, но вели дека недостатокот државата секако ќе мора да го надополни со струја од увоз. Придобивките од новите капацитети за производство на струја од обновливи извори, вели професорот, ќе може да се почувствуваат дури на пролет кога времето ќе биде сончево…

Ставањето во погон на домашните капацитети би требало да биде доволно за да се справиме со предизвиците за производство на струја, смета професорот Антон Чаушевски. Тој не очекува поголеми проблеми во периодот што следи, иако смета дека најкритично ќе биде до април, но појаснува дека струја и натаму ќе мора да се увезува.

Чаушевски не очекува дека институциите и граѓаните може да заштедат струја повеќе од тоа што го прават сега. Ние како земја, вели професорот, не трошиме многу струја споредбено со европските економии, но мора да се вложува во изградба на енергетски капацитети.

Интересот за инвестиција во фотоволтаици засега останува кај фирмите и индустриите, додека кај домаќинствата нема голем одзив, бидејќи тие сега добиваат субвенционирана струја, чија цена е многу пониска од инвестицијата во фотоволтаичен систем, анализира професорот.

Анита Димитријевска Велковска