Македонија

МТСП: Исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории на граѓани ќе се изврши на 12-ти јануари

04.01.2023 10:19

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе се објави на 5-ти јануари...

Паричните средства за корисници на финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе бидат исплатени на 12- ти јануари, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе се објави на 5-ти јануари 2023 година и тоа:

На веб страната на Министерството за труд и социјална политика (корисници  на правото на социјална сигурност на стари на лица,  посебен додаток,  надоместок заради попреченост, корисници на надоместок за помош и нега од друго лице со трајни промени во здравствената состојба без потреба од контролен преглед и не користат право на надоместок заради попреченост, како и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош)

На веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (корисници на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување)

На веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (невработени лица - корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок).

Списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а  смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.

Приговорот може да се поднесе преку архивата на Министерството за труд и  социјална политика или преку електронската пошта [email protected].

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе биде отстранет од веб страната на Министерството за труд и социјална политика,  веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија  и веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по истекот на три дена од денот на објавувањето- соопштуваат од Министерството.