Меѓународениот детски кардиохируршки тим по 6-ти пат во Скопје
За околу една година направиле 70 операции заедно со македонскиот тим кој брзо учи и се проширува.

Наскоро ќе се прават операции и на новороденчиња од соседните земји, а за две години македонскиот тим ќе работи самостојно.
13 новороденчиња и едно 10-годишно дете со срцеви аномалии се оперирани при шестата посета на меѓународниот кардиохируршки тим во соработка со нашиот. Десет се операции на отворено срце, четири интервентни и една комбинација од интервентна кардиологија и операција на отворено срце. Оперираните деца се во добра состојба, повеќето се префрлени на Детската клиника, освен едно што не ја преживеало операцијата поради зашто било родено без главните крвни садови.
„Според оваа динамика предвидена за петте сесии оваа година јас мислам дека ќе дојдеме до 75-80 операции“ вели д-р Владимир Чадиковски-детски хирург-лидер на тимот од Универзитетска клиника за детска хирургија.
Македонскиот тим се проширува и брзо напредува во едукацијата.
„Македонија ми е најомилена дестинација од сите професионални патувања, не треба да ме тераат, сам се пријавив доброволно. Бев овде во ноември и оттогаш досега гледам голем напредок, гледам дека луѓето брзо учат.“ - Д-р Марсело Кардерели-детски кардиохирург од САД
Од лани веќе не се праќаат деца за кардиохируршки интервенции надвор, освен ретки итни случаи кога експертскиот тим не е тука.
„Оваа година направивме наместо 4 да имаме 5 посети, така што уште повеќе ќе се намали оваа можност за препраќање деца во странство, а очекувам дека оваа година ќе почнат да се опериираат и деца од странство, особено од соседните земји, затоа што ова е многу искусен тим“-рече министерот за здравство Никола Тодоров.
За две години нашиот тим ќе почне самостојно да оперира.
Соња Стојановска
