САД

Трет неуспешен обид за избор на претседател на американскиот Претставнички дом

04.01.2023 13:43

И третиот обид да се избере претседател на Претставничкиот дом во Американскиот Конгрес безуспешен. Републиканецот Кевин Мекарти се соочува со противења и во сопствената партија…

Третиот обид за избор на претседател на Претставничкиот дом во Американскиот Конгрес заврши неуспешно. Кевин Мекарти не успеа да ја добие поддршката за да стане спикер. Главни противници му се сопартијците Републиканци. Од потребните 218 гласа, Мекарти во првите два круга доби 203, што е помалку дури и од Демократот Хаким Џефрис.

„Гласањето не беше она што го сакав. Има многу работи што сакавме да ги направиме. Ништо од тоа не се случи. Но, ако успееме да ги надминеме нашите разлики и навистина го сториме тоа, ќе бидеме посилни“, Кевин Мекарти, Републиканец од Калифорнија.

Републиканците преку Претставничкиот дом сакаат да се спротивстават на агендата на претседателот Бајден, за што мора да изберат нов претседател на овој дом. Без избор на спикер, претставничкиот дом не може да почне со работа, неговите членови не можат да положат заклетва, не може да се именуваат претседатели на комисии, ниту пак да се свикуваат состаноци и да се водат истраги за администрацијата на претседателот Бајден.

„Ако администрацијата не сака да ги реши овие проблеми, не повикуваат нас луѓето да го сториме тоа, а тоа започнува овде во домот на народот. Да одговориме на предизвиците, не само републиканците, не само демократите, туку сите … Ајде да започнеме со избирање на Кевин Мекарти за наш следен спикер“, изјави Стив Скализ, Републиканец од Луизијана.

„За првпат во 100 години Претставничкиот дом не успеа да се организира на денот на отворањето. Тоа е тажен ден за претставничкиот дом како институција. Тоа е тажен ден за демократијата, тажен ден за американскиот народ. Демократите во Претставничкиот дом се обединети, подготвени и способни да одат на работа во име на Американците секој ден“, изјави Хаким Џефрис, лидер на демократската група на домот.

Членовите на Претставничкиот дом повторно ќе се состанат за да се разгледаат и нови кандидати. Во американската историја, најдолго траела постапката за избор на претседател на Претставничкиот дом во 1856 година, кога пратениците постигнале договор дури по два месеци и 133 кругови гласање.

Маријана Димовска