СДСМ вечерва одлучува дали ќе ги враќа мандатите!

30.04.2014 17:53

Централниот одбор на СДСМ вечерва по 18 часот ќе дискутира дали ќе се враќаат освоените пратенички мандати за влез во собранието.

Извршниот одбор на партијата вчера донел едногласна одлука за враќање на мандатите, одлука која вечерва ќе биде изнесена пред највисокото партиско тело.

Доминантното расположение во партијата е дека по изнесениот став на Заев за непризнавање на резултатите секоја друга постапка освен враќање на мандатите би довела до дополнително слабеење на партијата. Партиски извори велат дека вечерва очекуваат жестока дебата. Заев и неговите блиски соработници ќе мора да им објаснат на долгогодишните партиски функционери, зошто спротивно на статутот на партијата веднаш по завршувањето на гласањето е донесена одлука за неприфаќање на резултатот и зошто ако се сомневале во легитимиетот на изборниот процес не го оспориле уште по првиот претседателски круг?

Дискусијата се очекува да ја отворат партиските функционери кои во бојкотот на минатогодишните локални избори гледаа шанса партијата да ги зајакне позициите и подготвена да истапи на парламентарните избори.

Едно од прашањата кои ќе се наметнат на вечерашната седница е и зошто претседателскиот кандидат Стево Пендаровски освои 100 илјади гласови повеќе од СДСМ? Зошто се експериментирало со пратенички листи на кои се најдоа нови и неискусни личности?

Партиското раководство ќе се обиде пред поширокиот круг функционери вечерва да ја протне идејата за враќање на мандатите утврдена на вчерашната седница на извршниот одбор, велат партиски извори според кои нивниот претседател кој цврсто стои зад ставот за враќање на мандатите веќе почнал и да собира потпишани изјави од новоизбраните пратеници на сдсм за да се осигура дека ќе се откажат од мандатот.

Со ставот на Заев за непризнавање на резултатот се согласува и коалицискиот партнер Тито Петковски од НСДП. Кој ќе биде конечниот став на опозицијата ќе се знае по завршување на седницата на централниот одбор.

 

Анита Димитријевска