Охрид

Земјоделското производство пред изумирање

05.01.2023 10:40

Индустријализацијата во минатото го направи своето и ретко кој помислува за враќање на село, поради што нивите остануваат необработени и на пазарите ретко можат да се купат автентични локални охридски земјоделски производи...

На пазарот во Охрид, во продавниците или рестораните се поретко може да се најде и вкуси земјоделски производ одгледан на плодното охридско земјиште. Бројот на земјоделците и производителите на земјоделски локални производи е драстично намален, а младите се помалку или воопшто не се заинтересирани да одат по стапките на своите предци.

Веќе одамна поголемиот број од охридските села се испразнети, а во нив главно живеат повозрасни лица. Индустријализацијата во минатото го направи своето и ретко кој помислува за враќање на село, поради што нивите остануваат необработени и на пазарите ретко можат да се купат автентични локални охридски земјоделски производи.

„Низ годините ние го знаеме оној процес на миграција село-град, и она заврши факултет, земи диплома за да не работиш, мислам дека таа филозофија е некако врежана во сите нас и некако мислам дека и постарите избегаа од селото“, вели проф. д-р Јованка Билјан од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

„Јас искрено кажувам, немаме производители на сирење и млечни производи. Двајца или тројца коишто се многу стари и мислам дека веќе ќе замре производството на сирење, ќе купуваме сирење коешто не е сирење, коешто нема воопшто животински протеини“, додава проф. д-р Ангела Паскуале од Факултет за туризам и угостителство.

Локалната автентична храна поради квалитетот насекаде во светот е многу барана од туристите, меѓутоа според угостителите нејзиното производство постојано се намалува.

„Се помалку има кои останале да произведуваат некакви работи, почнувајќи од зеленчуци, млеко и млечни производи што ни се основа да работиме, така што мислам дека малку и цените и можеби и поголемо внимание од државата треба да се посвети на производителите“, рече Насто Богоески- угостител.

Неспорно е дека државата ги субвенционира младите лица за да се занимаваат со земјоделство, меѓутоа во охридско резултатите не се забележуваат. Можеби е потребна поагресивна кампања или стратегија која ќе овозможи поголема заработувачка, се разбира за оние кои сакаат да работат.

Сашо Нелоски