Ватикан

Илјадници луѓе присуствуваа на погребот на поранешниот Папа Бенедикт Шеснаесетти

05.01.2023 12:21

Во согласност со желбите на покојниот почесен Папа, погребот и придружните обреди и церемонии беа едноставни, како и неговиот живот како скромен слуга на лозјето господово...

Илјадници луѓе присуствуваа на погребот на поранешниот Папа Бенедикт Шеснаесетти во Ватикан. Луѓето се собираа од рано изутрина на плоштадот Свети Петар во Ватикан каде што беше пренесен неговиот ковчег по тридневното оддавање почит. Папата Франциск е првиот Папа во современата историја којшто раководеше со погребот на својот претходник. Во согласност со желбите на покојниот почесен Папа, погребот и придружните обреди и церемонии беа едноставни, како и неговиот живот како скромен слуга на лозјето господово.

„Подалеку, во твои раце го подарувам мојот дух. Ова беа последните зборови кажани од господ на крстот. Неговиот последен здив, можеме да кажеме, го сумираше целиот негов живот: непрестајно самодоверување во рацете на неговиот татко, раце на простување и сочувство“, изјави папата Франциск- поглавар на Римокатоличката црква.

На реквиемската миса на плоштадот Свети Петар присуствуваа над 200 илјади верници, меѓу кои и многу државници, како италијанскиот претседател и премиерот, Серџо Матарела и Џорџија Мелони, секретарот на светиот престол за односи со државите Пол Ричард Галагер, полскиот претседател Анджеј Дуда, шпанската кралица Мајка Софија, белгискиот крал Филип, португалскиот претседател Марсело Ребело Де Соуса, делегација на Вселенската православна патријашија, делегација од МПЦ. Почесниот Папа Бенедикт Шестаесетти почина на 95-годишна возраст по долгогодишно боледување. По негово барање, погребан е во гробница под базиликата каде што бил погребан поранешниот Папа Свети Јован Павле Втори пред неговата беатификација, погребан е во три ковчези. Неговото тело е положено во ковчег од чемпрес со монети и метали исковани за време на неговото папство, неговиот палиум и металниот цилиндар со текст за неговите години на чело на Римокатоличката црква.

 

Ирина Гелевска