УКРАИНА

САД размислува за испраќање борбени возила во Украина

05.01.2023 12:39

Пешадиското оклопно возило е опремено со автоматски топ и противтенковски проектили. Портпаролот на Кремљ, Песков, претходно изјави дека со испраќањето оружје во Украина, западот ја намалува можноста за мировен процес во иднина...

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека се размислува за испраќање борбени возила „Бредли“ за помош на Украина. Пешадиското оклопно возило е опремено со автоматски топ и противтенковски проектили. Портпаролот на Кремљ, Песков, претходно изјави дека со испраќањето оружје во Украина, западот ја намалува можноста за мировен процес во иднина.

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека не гледа причина зошто западните партнери не треба да и испорачуваат тенкови на Украина. Потврди дека земјата ќе добие повеќе оклопни возила. По телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски потврди дека Киев ќе добие француски лесни тенкови.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг ја истакна улогата на НАТО во турбулентни времиња и безбедноста како заедничка одговорност.

„Мора да ја поддржиме Украина сега, оружјето е патот до мирот. Научени се три лекции: мораме да инвестираме повеќе во безбедноста, опасно е да станеме зависни од авторитарни режими и авторитарните режими да се најдат еден со друг“, изјави Јенс Столтенбер – Генерален секретар на НАТО.

Во меѓувреме руски официјални лица ги посетија болниците во Ростов на Дон и самопрогласената Народна Република Доњецк, каде што се наоѓаат војници кои беа ранети во гранатирањето на Макиевка.

„Најважно е борбениот дух, најважната работа во моментов е да победиме“, изјави Денис Пушилин – шеф на самопрогласената Народна Република Доњецк.

„Момците се подготвени да му возвратат на непријателот и да се одмаздат за нивните паднати другари“, додаде Дмитриј Азаров – гувернер на регионот Самара.

Турскиот претседател Ердоган во телефонски разговор му рекол на својот руски колега Путин дека мировните напори во руско-украинската војна треба да бидат поддржани со едностран прекин на огнот и визија за праведно решение.

 

Марина Ристова