Аерозагадување

Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот

05.01.2023 12:46

Скопје и денеска меѓу најзагадените десет градови во светот. Граѓаните се задушуваат во загадениот воздух. Надлежните инспектори тврдат дека се на терен. Според нив, големите индустрии не биле причина за аерозагадувањето, туку домаќинствата. Првиот антикорупционер со став-ако инспекторите си ја вршат својата работа, нема да дишеме прашина измешана со магла…

Една народна вели – операција успешна, пациент мртов. Вака накратко личи ситуацијата со загадениот воздух во земјава. Државниот инспекторат тврди дека и годинава, како и претходните, во јануари и февруари се и ќе бидат на терен, но досега големите индустрии не биле причина за аерозагадувањето. Според новиот закон за инспекциски надзор, сега тоа го направиле и со општинските комунални инспектори и пак не нашле виновник.

„Ние во овој период направивме околу 40 надзори на големите индустриски капацитети. Дел од нив имаат континуиран мониторинг, како што се Макстил и Цементара, во дел имаат согласно дозволите, мониторинг прават два пати или повеќе пати во годината, така што сите имаат направено анализи од акредитирани лаборатории. Анализите се во граничните вредности на емисии“, изјави Сретен Стојковски, Државен инспекторат за животна средина.

Првиот инспектор се повикува на последната студија според која домаќинствата се главниот загадувач во Скопје. Но, министерот Нуредини минатата недела објасни оти во таа група спаѓаат и државните институции кои се греат на мазут, а не само домаќинствата. Сепак, Стојковски, ги искара градоначалниците и ги повика да си ја работат својата работа.

„Ако работи само државниот инспекторат, а сите други институции не работат, не можеме ништо да направиме. Останува градоначалниците да си се зафатат со работа, да си ги пуштат општинските инспектори за животна средина и комунални работи да си излезат на терен, да си ги прочешлаат сите работилници за поправка на возила, каде им завршува отпадот од масло, работилниците за производство на мебел … Значи треба конкретно да си излезат на терен и да почнат да си работат“, додава Стојковски

Во последното интервју за „Воис оф Америка“ на македонски јазик, и првата антикорупционерка, Билјана Ивановска посочи дека ако инспекторите, особено градежните инспектори си ја вршат својата работа, нема да дишеме прашина измешана со магла.

Катерина Топалова