Распит на обвинетите во случајот „Титаник 2“
Со распит на обвинетите, во скопска единица продолжи судењето за случајот „Титаник 2“. Обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Им се суди за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Ова е повторено судење, откако Апелацискиот суд ги укина пресудите...

Секогаш сум гласал врз основа на факти, а простор за политички влијанија немаше во мојата работа. Ова пред судот го изјави поранешниот член на ДИК Сашо Срцев, обвинет во случајот „Титаник 2“. Срцев рече дека на изборите во 2013 година имало најмалку 500 приговори и релативно кратки рокови за да се одлучи по нив. Тој појасни оти немало потреба да се отвора гласачкиот материјал, бидејќи како што рече – повреда постоела при сумирање на резултатите.
Обвинетиот Бедредин Ибраими рече дека ниту тој нема сторено злоупотреби и дека за него е најголема навреда некој да каже дека Мендух Тачи му наредил како да гласа.
Случајот „Титаник 2“ го отвори поранешното СЈО во февруари 2016, а поткрена обвинение една година подоцна. Се однесува на изборни нерегуларности во врска со приговори на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013-та година.
Одбраната на Сашо Мијалков пред судот појасни оти нивниот клиент во оваа постапка нема да даде исказ. Тој беше спроведен од затворот во Струга каде издржува казна во предметот „Империја“. Делото за Мијалков во случајот „Титаник 2“ застарува за 4 месеци, додека роковите за застарување за другите обвинети се подолги.
Анита Димитријевска Велковска
