Македонија

Православните христијани го слават Бадник

06.01.2023 09:33

Православните христијани денеска го празнуваат Бадник, денот пред Божиќ – раѓањето на Исус Христос. Од рани зори дечиња, пеејќи коледарски песни ја најавуваат радосната вест за раѓањето на Исус спасителот…

На Бадник, уште рано наутро се слуша гласот на децата бадникари, кои со своите песни за здравје и бериќет го симболизираат христовото раѓање.

Со коледарски песни ги потсетија домаќините на убавината на дарувањето и смислата на празниците. Ореви, костени, посни колачиња, парички. Домаќинките ги израдуваа најмладите, но и потсетија дека традицијата треба да се негува.

Многу возбуда и радост. Бесценети ведри и насмеани лица на малите коледари. Ова се празници на дарување и на сплотеност.

Православните верници го слават Бадник, денот пред големиот празник Божиќ. На најголемите и најсветли празници, секој треба да го заборави лошото и да прави добрини. Барем за момент, секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.

Александра Спировска