Македонија

Вевчанскиот карневал и годинава ќе понуди богата програма

06.01.2023 10:34

Богата културно-уметничка и музичка програма на овогодишното издание на Вевчанскиот карневал. Организаторите најавуваат два големи концерти. Вевчанци верни на традицијата, веќе ги подготвија маските кои до 13-ти јануари, до самото дефиле се држат во строга тајност. Така е со векови, карневалот се смета за една од најстарите традиции во земјава, се претпоставува дека има континуитет најмалку 1.500 години.

Сè е подготвено за Вевчански карневал – најпознатиот бренд на Македонија, што традиционално ќе се одржи од 12-ти до 14-ти јануари.

Ќе настапат Ласт Експедишн, Брука, ФИЦ и Д‘ ИНВИЗИБЛ, ДНК, Некст Тајм, Баклава, Гиш, Прпл Цепелин, Банда Ентопика, Нино Величковски со кумановските тамбураши и локалната ѕвезда Перо Бели.

Од Општина Вевчани најавуваат уште едно издание со богата културно уметничка програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители.

„Ќе има забавен дел и на 12-ти и на 13-ти нормално знаете Вевчанскиот карневал на 13-ти и 14-ти веќе постапката во Македонија секому му е јасна околу Вевчанскиот карневал. Значи како што ќе има музички дел со повеќе групи, оваа година на 13-ти ќе има и некои изненадувања“, вели Спасе Кочоски градоначалник на општина Вевчани.

Вевчанци верни на традицијата, маските се подготвени, но до 13-ти јануари до самото дефиле се држат во строга тајност. Така е со векови. Карневалот се смета за една од најстарите традиции во земјава.

„Очекуваме поголем број на гости, времето е убаво, а Вевчани е отворено и подготвено. Стандардно како и секоја година ќе има многу забава а се надевам дека сите ќе се задоволни“, додава Кочоски.

Традиционалното дефиле на маски, ќе се случи околу пладне на 13-ти јануари, а завршува следниот ден со палење на маските. Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат дека карневалот постои околу 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.

Соња Рилковска