Иванов и официјално го доби вториот претседателски мандат

30.04.2014 21:03

На 2-ри мај, Иванов ќе го добие уверението од ДИК за шеф на државата...

Комисијата ги соопшти конечните резултати од претседателските избори за коишто немаше доставено ниту еден приговор.

 „Сите 7 членови се изјаснија за прифаќање на предлог-заклучокот за објавување на конечните резултати за избор на претседател на РМ. ДИК ќе издаде уверение на господинот Ѓорге Иванов за претседател на РМ“, изјави Никола Рилковски, претседател на ДИК.

Отсуството на приговори и едногласно донесениот заклучок за резултатите е потврда, вели заменик претседателот – Јакупи, дека изборите според ДИК биле фер и демократски.

Најдоцна до понеделеник ќе бидат соопштени и конечните резултати од парламентарните  избори по што ќе следат и уверенијата за пратеничките мандати.

ДИК подготвува извештај со кој уверенијата на избраните пратеници ќе ги достави до собранието на РМ за понатамошна постапка“, изјави Субхи Јакупи, заменик претседател на ДИК.

Доколку партиите по одбиените приговори не поднесат тужба пред управниот суд, тогаш  конечните резултати за изборот на новиот парламентарен состав, ДИК ќе ги соопшти до крајот  на неделава.

Виолета Димовска