Тактизирања пред координацијата кај Џафери
И на Бадник, партиски обвинувања кој се плаши од избори и кој ја има поддршката од граѓаните. Се загрева атмосферата пред понеделничката координација кај Џафери. СДСМ бара во прв план да се стави европската иднина на државата. ВМРО-ДПМНЕ не гледа причина да присуствува на состанокот кај спикерот…

И на Божиќните празници, не запреа меѓупартиски обвинувања кој ја има поддршката од граѓаните, кој се плаши од избори и кој ќе извиси во партиските замисли за и против уставните измени. СДСМ тврди дека наводното мнозинство пратеници кои го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ е само пуста желба на опозициската партија и оти изборите ќе бидат во редовниот термин. Првиот тест е веќе в понеделник, кога ќе се одржи редовна координација кај спикерот Џафери. Но, според координаторот Митрески, на неа не би требало да се разговара за уставните измени, туку за динамиката на работа.
„Во поглед на уставните измени, после одржувањето на лидерската средба, очекувам продолжување на консултативниот процес со сите чинители и очекувам дека сите во прв план ќе ја имаме европската иднина на државата и граѓаните, надвор од теснопартиските интереси“, вели координаторот на СДСМ, Митрески.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека и пратеници од мнозинството бараат избори. Координаторот на нивната пратеничка група, Никола Мицевски вели – не гледаме причина да учествуваме на понеделничката координација кај Џафери. Може во дебатите за уставните измени да учествуваме, но само ќе го повториме нашиот став.
„Овој мандатен состав и овие пратеници немаат ниту мандат ниту кредибилитет од граѓаните за такво прашање. Да излеземе на парламентарни избори, да ги прашаме граѓаните кои точно ќе се изјаснат и ќе го покажат патот по кој треба да се движиме во наредниот период“, смета координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски.
Со ова состојбите во македонската политика остануваат статус кво. Секој на своите позиции за и против уставни измени и во трка по евентуално ново мнозинство.
Миле Ристески
